Доделена првата главна награда од наградната игра „Мој ДДВ - Моја Награда“ на семејство Петкови

27.03.2020.

Наградната игра Мој ДДВ - Моја Награда досега израдува 45 добитници со награди од 100 000 денари и над 1 000 добитници на дневни награди во висина од 1 000 до 3 000 денари. Сите добитници на дневни награди освоените суми ги добиваат на својата трансакциска сметка а сите добитници на наградите од прво, второ и трето коло во висина од 100 000 денари ги посетија просториите на Државна лотарија во Скопје каде се идентификуваа со потребната документација, се фотографираа и ја раскажаа својата среќна приказна. Нивните фотографии и стории редовно ги објавуваме на социјалните медиуми на Државна лотарија и наградната игра

На 18 март, по емисијата Лото 7, го реализиравме извлекувањето на првата од двете главни награди во висина од 3 000 000 (три милиона) денари. Во таа среќна среда, тимот на организаторите, телевизијата Канал 5 и водителката Марјана Станојковска беа подготвени, штом електронскиот генератор по случаен избор ќе го извлече серискиот број на фискалната сметка, веднаш,со пребарување на корисничкиот број на добитникот, од неговата апликација покрај името и градот да се побара и внесениот број за контакт.

Во извлекувањето на 18 март учествуваа вкупно 41 856 870 сериски броеви на фискални сметки, скенирани во период од 15 декември 2019 година до 15 март 2020 година, од вкупно 215 756 учесници во наградната игра, а само еден ја имаше можноста да биде извлечен.

Среќата да биде изненаден, во живо, од студиото на Канал 5, со први честитки од водителката Марјана и вест за освоена добивка од 3 000 000 денари ја имаше Дејан Петков од Штип. Оние коишто го следеа извлекувањето покрај тв екраните, го слушнаа изненадениот добитник којшто со неверување прашуваше „дали е ова шега или вистина“.

Вчера, 26.3.2020 година, се запознавме со сопругата на Дејан - Соња Петкова којашто во просториите на Државна лотарија дојде со целокупната потребна документација и ни раскажа дека токму Дејан, од почеток наградната игра ги скенира сите семејни фискални сметки. Дејан, е роден во Штип, а заедно со семејството живее во Виница. Скенираат фискални сметки од самиот почеток на наградната игра, но никогаш не верувале дека токму тие ќе се израдуваат со главната премија од 3 000 000 денари. По извлекувањето веќе им се јавуваат со честитки членови на поширокото семејство и пријатели. Соња вели дека сеуште немаат испланирано за што ќе ги трошат парите бидејќи оваа добивка им дошла сосема неочекувано.
Тие ќе продолжат да скенираат фискални сметки и понатаму, а апелираат до сите да се вклучат во наградната игра затоа што никогаш не се знае кога среќата ќе се насмее.
Добитната скенирана фискална сметка е од секојдневно пазарење во супермаркет, направено во тек на месец јануари.

 

Детектиравме стара верзија на интернет пребарувач која не е поддржана.

Ве молиме да ја инсталирате последната верзија на интернет пребарувач: